Министерството за економија објави три јавни повици во рамките на Програмата за конкурентност и иновации и претприемаштво (КИП) за 2021 година наменети за поддршка на домашните компании.
Објавени се јавните повици за субвенционирање микро и мали претпријатија, за финансиска поддршка на женско претприемаштво и за субвенционирање занаетчии, информира денеска на прес-конференција министерот за економија, Крешник Бектеши.
Како што рече министерот, трите јавни повици се објавени пред десетина дена, а сите заинтересирани компании имаат рок да аплицираат до 16, односно до 30 април, и да ја искористат финансиската поддршка од Министерството за економија.
„Со јавниот повик за субвенционирање микро и мали претпријатија е предвидена финансиска поддршка за субвенционирање 50 % од докажаните трошоци за набавка на машини и алати и за набавка и инсталација на фотоволтаични панели – затворен систем, за производство на електрична енергија за сопствени потреби на претпријатието со моќност над 5 kW. За оваа мерка се предвидени вкупно 30,7 милиони денари од буџетот на Министерството за економија, а финансиската поддршка по еден апликант е најмногу 400.000 денари. Доколку фирмата е управувана или основана од жена, тогаш субвенцијата се зголемува 10 %. Субвенционирани ќе бидат трошоците направени во 2020 и 2021 годиина“, потенцира Бектеши.
Со јавниот повик за субвенции за поддршка на женското претприемаштво, како што информира министерот, предвидена е финансиска поддршка за кофинансирање 80 % на трошоците на компании што се 50 % во сопственост или управувани од жени за набавка на опрема и алати, уредување/подобрување на деловниот простор и воведување софтверски решенија.
„За оваа мерка во рамките на буџетот на Министерството за економија се предвидени вкупно 4 милиони денари, а максималниот износ на поддршка за еден апликант е не повеќе 150.000 денари, освен кај трошоците за воведување софтверски решенија, каде што финансиската поддршка е најмногу 60.000 денари. Исто и кај оваа мерка субвенционирани ќе бидат трошоците направени во текот на 2020 и 2021 година. Крајниот рок за аплицирање е 30.4.2021 година“, рече Бектеши.
Како што информира министерот, со јавниот повик за субвенции за занаетчии е предвидена финансиска поддршка за покривање 60 % од трошоците на занаетчиите за набавка на опрема и алати, како и уредување, односно подобрување на деловниот простор. Максималниот износ на поддршка за еден апликант изнесува 120.000 денари за трошоци направени во 2020 и 2021 годиина.
Од буџетот на Министерството за економија за субвенции за поддршка на занаетчиите се предвидени вкупно 6 милиони денари. Крајниот рок за аплицирање и за овој јавен повик е 30.4.2021 година.
„Оваа година првпат за распределба на средствата предвидени во јавните повици од КИП-програмата ќе се применува начелото за рамномерен регионален развој. Тоа значи дека средствата ќе се распределуваат според развиеноста на планските региони во државата. Според ова правило, најголем дел од средствата предвиден во секој јавен повик ќе се подели во најмалку развионите региони, а најмал дел од средствата ќе биде во најмногу развиените региони“, истакна Бектеши.
Според него, во согласност со класификацијата на планските региони според степенот на развиеност во периодот од 2018 до 2023, за Севериосточниот Регион, кој е најмалку развиен, ќе бидат распределени 17,3 % од финансиската поддршка. За Вардарскиот Регион – 14,7 %, за Југозападниот – 13,3 %, за Полошкиот Регион – 13,2 %, за Пелагонискиот Регион – 11,9 %, за Источниот – 11,3 % од финансиската поддршка, а за Југиосточниот – 11,1 % и за Скопскиот, кој е најразвиен, ќе бидат распределени 7,2 % од финансиската поддршка од вкупно предвидените средства од секој јавен повик посебно.
„Распределбата на средствата во рамките на секој плански регион во согласност со принципот прв дојден, прв услужен ќе се применува за апликантите од ист плански регион. Доколку вкупно распределените средства во одреден плански регион наменети за субвенционирање на претпријатија/апликанти од тој регион не се искористат, тие ќе се доискористат за субвенционирање на апликантите во планските региони каде што има апликации. Распределбата на овие средства ќе се прави исто така според разиеност на планските региони“, заклучи министерот Бектеши.